Friday, December 18, 2015

Градинарство
Градинарство — поим кој означува одгледување на растенија заради нивното пријатно цвеќе или зеленило, како и зеленчук, овошје за исхрана, во кој случај е познато и како бавчанџиство. Градинарството се практикува од прехранбени причини, но и за разубавување на животната околина. По својот размер варира: од овоштарници, долги булеварски леи со еден или повеќе видови зеленило, дрвја и зелјести растенија, домашни тревници и темел-садења, па се до мали и големи саксии за одгледување внатре или надвор. Градинарството често е конкретно, со одгледување на само еден вид на растение, а може да биде и мешано, со голем број на различни растенија. Тоа подразбира активно учество, посветеност и труд, по што се разликува од полјоделството или шумарството.
Градинарскиот дизајн во највеќетто култури се смета за уметност, и се разликува од градинарството, кое обично значи одржување на градина. Во Јапонија, самураите и зен-свештениците често морале да изработуваат декоративни градини и да практикуваат цветен аранжман наречен икебана. Во XVII век во Европа биле ангажирани пејзажни градинари за преобразување на имотите во формални градини или пејзажирани паркови. Такви примери се Версај во Франција и Стоу во Англја. Денес пејзажните архитекти и градинарските дизајнери продолжуваат да создаваат уметнички креативни дизајни за приватни дворови.